
На валутните пазари минатата недела вредноста на доларот достигна најниско ниво во последните три години, што е последица на ескалацијата на царинската војна меѓу САД и Кина и повлекувањето на инвеститорите од американските државни обврзници, пренесува Хина.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела падна за три отсто, на 99,78 поени, најниско ниво во последните три години.
Истовремено, курсот на еврото скокна за 3,6 отсто, на 1,1355 долари, највисоко ниво од февруари 2022 година.
Американската валута ослабе и во однос на јапонската, за 2,3 отсто, па нејзината цена падна на 143,50 јени.
Остриот пад на курсот на доларот втора недела по ред е резултат на неизвесноста поради царините, кои американскиот претседател Доналд Трамп малку ги најавува, малку ги одложува, а потоа ги зголемува на увозот од Кина.











