Доларот падна, цената на нафтата порасна

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути се лизна близу најниското ниво во последните четири месеци.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 101,85 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 102,38 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 142,95 на 142,45 јени.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1005 долари, додека вчера во ова време беше 1,0950 долари.

Индексот на доларот е на пат за загуба оваа недела од околу 0,8 отсто.

Цените на нафтата, пак, утрово пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 0,78 отсто, на 80,05 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,78 отсто, на 74,75 долари.