Доларот продолжува да паѓа

219

Вредноста на доларот продолжи да паѓа и во третата недела од годинава.
Инфлацијата во САД се намалува, па се шпекулира дека американската централна банка може да го намали темпото на затегнување на монетарната политика.

Индексот на доларот минатата недела ослабе за 0,2 отсто, на 102 поени, што е блиску до најниското ниво од јуни минатата година. Откако лани доби околу 8 отсто, од почетокот на оваа година индексот на доларот ослабе за 1,4 отсто.

Истовремено, доларот ослабе за 0,2 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се искачи на 1,0855 долари, недалеку од највисокото ниво во последните девет месеци.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна за 1,3 отсто на 129,60 јени.

Падот на доларот е првенствено последица на намалувањето на инфлациските притисоци во САД, па се очекува дека американската ФЕД во иднина ќе биде помалку агресивна во заострувањето на монетарната политика.

Сепак, повеќето лидери на ФЕД овие денови велат дека ќе треба да ги подигнат клучните каматни стапки над нивото од 5 проценти за да ја ограничат инфлацијата.