Доларот зајакна четврта последователна недела

25

Доларот ја продолжи одличната пролет и позитивната низа се прошири до четвртата недела.
По новите податоци за инфлацијата во САД, се чини дека каматните стапки на ФЕД ќе останат покачени подолго од очекуваното.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела зајакна за 1,6 отсто, на 106,01 поен.

Истовремено, вредноста на доларот во однос на европската валута скокна за 1,7 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0645 долари.

Доларот зајакна и во однос на јапонската валута, за 1,1 отсто, па неговиот курс достигна 153,25 јени.

Јакнењето на доларот е последица на промената на проценките кога американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки и за колку ќе ги намали.

Оваа промена се случи бидејќи новите податоци покажаа дека инфлацијата во САД не се намалува.

Минатата недела беше објавено дека потрошувачките цени во март пораснале за 0,4 отсто на месечно ниво, додека инфлацијата на годишна основа достигна 3,5 отсто, што е за 0,3 процентни поени повисока од февруари.

Ова е поголем пораст на цените отколку што проценуваа аналитичарите, а основната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, исто така се зголеми повеќе од очекуваното.