
Вредноста на доларот во однос на кошницата валути се зголеми и минатата недела, 11-ти пат по ред, бидејќи каматните стапки во САД ќе останат покачени подолго од очекуваното, а економијата продолжува солидно да расте.
Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, се зголеми за 0,55 отсто минатата недела, на 106,17 поени, така што се движи околу највисокото ниво во последните 10 месеци.
Истовремено, доларот зајакна за 0,7 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,0578 долари.
Курсот на доларот порасна и во однос на јапонската валута, за 0,7 отсто, на 149,40 јени.
Јакнењето на доларот 11 недели по ред не е забележано речиси 10 години, а благодарение на ова доларот во изминатиот квартал зајакна за повеќе од 3 отсто во однос на кошничката валути.