Доларот зајакна, цената на нафтата порасна

Hа валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути не е далеку од највисоките нивоа во повеќе од два месеци.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 104,38 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,18 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута е стабилен околу 148,60 јени, колку што беше и вчера во овој момент.

Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0750 долари, додека вчера во ова време беше 1,0775 долари.

Цените на нафтата, пак, благо пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,22 отсто, на 78,15 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,21 отсто, на 72,95 долари.