
На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката на валути дополнително се зголеми, достигнувајќи ново највисоко ниво во последните 10 месеци.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 107,06 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 106,25 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 149,75 на 149,85 јени, што е ново највисоко ниво во последните 11 месеци.
Поради слабоста на јенот, се шпекулира дека може да интервенира јапонската централна банка.
Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0460 долари, блиску до најниското ниво од декември минатата година, додека вчера во ова време беше 1,0565 долари.
Цените на нафтата, пак, значително паднаа втор ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово падна за 1,06 отсто, на 89,75 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,86 отсто, на 88,05 долари.











