Доларот зајакна втора недела по ред

38

Вредноста на доларот во однос на кошницата валути минатата недела порасна втора недела по ред, бидејќи стивнуваат шпекулациите дека американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки уште во март.
Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела се зголеми за 0,8 отсто на 103,26 поени. Истовремено, доларот зајакна за 0,5 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,0898 долари.

Курсот на доларот порасна и во однос на јапонската валута, за 2,2 отсто, на 148,15 јени. На крајот на минатата година доларот беше под притисок поради шпекулациите дека ФЕД може агресивно да ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од март.

Сепак, овие шпекулации ослабеа во последните недели, со оглед на тоа што податоците укажуваат на стабилен економски раст, па нема причина за нови стимулации. Дотолку повеќе што инфлацијата сè уште е значително над целните нивоа на ФЕД од околу 2 проценти.

Затоа, челниците на ФЕД велат дека нема потреба да се брза со намалување на каматните стапки. Пред десет дена пазарот процени дека има речиси 80 отсто шанси ФЕД да ги намали каматните стапки во март, но сега тие шанси се намалија на само околу 50 отсто.

Слабеа и шпекулациите за намалување на каматните стапки од страна на ЕЦБ, со оглед на тоа што низа претставници на Европската централна банка минатата недела изјавија дека е рано да се размислува за намалување на каматните стапки. Поради тоа, стивнаа шпекулациите дека ЕЦБ ќе ги намали каматните стапки веќе во март, а сега се шпекулира дека тоа би можело да го направи во април.