Доларот значително зајакна, цената на нафтата порасна

15

На девизните пазари, пак, вредноста на доларот во однос на кошничката валути значително се зголеми, по извештајот за инфлација.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 105,15 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,12 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута скокна од вчерашните 151,75 на 152,90 јени.

Додека доларот се движи околу највисоките нивоа во последните 34 години, јапонските власти предупредуваат дека може да интервенираат на пазарот за да спречат понатамошно слабеење на јенот.

И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0745 долари, додека вчера во ова време беше 1,0850 долари.

Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,30 отсто, на 90,75 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,28 отсто, на 86,45 долари.

Од почетокот на годината нафтата поскапе за околу 13 долари или 17 отсто. Многу геополитички кризи, особено војната во Украина и во Појасот Газа, се одлучувачки за ваквиот развој на настаните. Дополнително, големите земји добавувачи како Саудиска Арабија и Русија веќе долго време го ограничуваат снабдувањето.