Dolce & Gabbana ги затворија продавниците во Милано во знак на протест

39

DGМодните дизајнери Доменико Долче и Стефано Габана на три дена ги затворија своите девет продавници во Милано, мартини барот и златниот ресторан во знак на протест поради критиките на градските власти дека избегнувале плаќање на данок. Тие во италијанските печатени медиуми, како и во The Daily Telegraph, на цела страна објавија дека повеќе не сакаат да страдаат поради незаслужените обвинувања од финансиската полиција, даночните власти, министрите и медиумите, на кои се подложни со години. Последна капка, како што велат, била забелешката на градските власти дека на оние што избегнуваат да плаќаат данок не треба да им се дозвои да користат престижен градски простор.

Градоначалникот на Милано, Џулиано Писапиа ги обвини дизајнерите дека претеруваат во реакциите на критиките и побара од нив да му се извинат. Градоначалникот во неделата во интервју за La Repubblica изјави дека реакцијата на Dolce & Gabbana е неприфатлива и претерано е да се затворат вратите поради коментар на советник.

Минатиот месец Dolce & Gabbana беа прогласени за виновни за затајување на 200 милиони евра данок преку компанија во Луксембург и осудени се на 20 месеци затвор. Тие ги отфрлија обвиненијата и најавија жалба.

Дуото Dolce & Gabbana започна со работа пред 30 години во Милано. Во нивните продавници работат околу 250 вработени. Продавниците денес повторно ќе бидат отворени.