Долгот на Германија изнесува 2,380 милијарди евра и продолжува да расте

52

Германија се соочува со рекорден долг од 2,380 милијарди евра, кој продолжува да расте годинава.

Владата на канцеларот Олаф Шолц додаде нови 139 милијарди евра ново задолжување на високиот јавен долг за потребите на буџетот за 2022 година, објаснувајќи дека задолжувањето е неопходно поради дополнителните трошоци како резултат на пандемијата на коронавирусот и украинската криза.

На ова се придружуваат нови 100 милијарди евра планирани за војската.

Со тоа новиот долг на Германија ќе се зголеми на 2,619 милијарди евра, пренесува Танјуг.

Надлежните се надеваат дека економијата ќе успее да закрепне и дека најсилната европска економија ќе може да ги враќа заемите преку приходи.

Доколку тоа не успее, според експертите, единствениот излез остануваат зголемувањето на даноците, строгите мерки за штедење и дополнителното задолжување.

Првиот човек на Економскиот институт „Ifo Clemens Fuest“ посочува дека се уште има „скриени“ долгови, кои претставуваат товар за буџетот.

„Со тоа, правата на пензии за државните службеници се акумулираа во огромна вредност. Државата, бидејќи не создаде посебни фондови за тоа, ќе мора овие скапи пензии да ги покрива од даночните приходи“, објасни Фуест.

Тој посочува дека големите долгови го спречуваат намалувањето на даноците.

Експертите предупредуваат дека во наредните години ќе се зголемат каматите на државните обврзници, што дополнително ќе ја зголеми задолженоста.