Домашните градежници бараат да градат во земјава наместо странски компании

43

Домашните градежни компании бараат од новата Влада да создаде бизнис амбиент во градежништвото во кој ќе се креира развојна компонента и главен критериум на јавните тендери да биде економски најоправданата понуда, а не најевтината.

Воедно бараат во тендерите да се барат реални критериуми кои можат да ги исполнат домашните компании и да имаат ист третман со стратешките инвеститори за да покажат за што се способни.

Од капиталните инвестиции во земјава, како што посочуваат, дури 96 проценти ги реализираат странски градежни компании, а само 4 отсто домашни. Доколку само 1 отсто од домашните градежни компании се со над 250 вработени учеството на градежништвото во БДП ќе биде над 10 проценти, а капиталните инвестиции би биле со двојна реализација. Според нив, критериумот најниска цена е главниот причинител за бавното и неквалитетно реализирање на капиталните инвестиции.

-Наместо државата да се погрижи за креирање подобри услови за градежништвото, градежните фирми се оставени сами на себе, сами да си ги креираат капацитетите и сами да ги подигнуваат потенцијалите. Зачудува фактот дека не сме конкурентни во земјава, затоа што за ист обем, за иста работа, под ист инвеститор во другите држави можеме да бидеме лидери и членови на конзорциум или самостојно да настапуваме, додека при условите во оваа држава тоа не ни е дозволено. Многу се високи условите затоа што не се води сметка за капацитетот на домашните компании, не се води сметка за ресурсите коишто се поседуваат, а сепак важно е во економијата да се ангажираат домашните компании за да го креираат растот на економијата. Домашните компании треба да бидат оние кои ги реализираат проектите се со цел да можеме и надвор да добиваме тендери, рече Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на денешната прес-конференција по работниот состанок со претседателот на Комората.

Посочи дека во соседството има примери во кои се менувале многубројни услови што биле поставувани од кредиторите во име на домашната економија, во име на домашната оператива.

-Државата мора да гарантира еднакви услови за работа и да води грижа за домашните градежни компании. Во Законот за градба предлагаме итни измени со цел техничко-административни пречки и бариери кои ги имаме при реализација на проектите да бидат тргнати. По однос на Законот за работни односи бараме бариерите недела неработен ден и многубројните празници кои се празнуваат да бидат сведени на минимум со цел да можеме да ја подигнеме продуктивноста на трудот и да имаме континуитетот при работењето. Бараме, исто така, интервенција и во Законот за јавни набавки за да биде препознаено градежништвото со сите свои специфики. Дури одиме и со чекор плус – бараме наш член од Комората да биде член на Комисијата за жалби по јавни набавки во областа на градежништвото кој ќе учествува во разгледувањето на жалбите. Бараме да се изработат и подзаконски акти во овој закон со кој би се дефинирале критериумите по кои би се спроведувале јавните набавки во градежништвото. И што е најбитно, бараме начин како да се договориме со институциите како да креираме еднакви услови за сите, да не постојат два различни аршини, туку да работиме сите под исти услови, а привилегијата на предност да ја имаат домашните компании, рече Серафимовски.

Сето тоа, додаде, денес ќе биде институционално проследено до Комората и ќе биде проследено до институциите. Се надевам, додаде, дека на состанокот на 16 јули дел од овие мерки ќе бидат прифатени.

-Се надеваме на сите оние чекори кои ќе ги преземе новата Влада, а ќе бидат во насока на инвестиции во градежништвото, дека ќе бидат препознаени македонските компании, домашните компании, ќе им биде обрнато внимание и условите кои ќе се креираат ќе се креираат не само за да се изградат капацитетите, туку да се изгради и целото градежништво, посочи Серафимовски и додаде дека се надева оти државата ќе најде модус како на домашните компании да им даде привилегии за 250-те милиони евра што Владата планира да ги префрли на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти.

Токму како што кажа и целта на денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески е да ги формулираат барањата до новата Влада. Во неформални разговори, како што рече, Азески посочил дека се известени надлежните институции.

Азески, пак, во видео обраќање рече дека актуелните бројки во градежништвото се црвена линија од која не може да се оди подолу.

-Стопанската комора има свои решенија. Процесите се процесуирани и само ќе инсистираме на нивна имплементација, рече Азески.

Во Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора има над 120 активни членки кои остваруваат годишен промет од над 4,5 милијарди денари и вработуваат над 7.000 луѓе. Во 2013 година, кога имало капитални инвестиции од 16,6 милијарди денари, домашните градежни компании со 7,1 процент во креирањето на БДП. Лани учествувале со само 5,5 проценти во БДП иако имало капитални инвестиции од 43,5 милијарди денари. Од домашните градежни компании дури 89,4 отсто се со од еден до девет вработени, а само 0,14 отсто од нив се големи компании со над 250 вработени.