Донесување на одлуки

543

odluka-pixabay

Фото: Pixabay

Секој ден носиме голем број на одлуки. За некои жалиме што сме ги донеле, но за некои жалиме и што не сме ги донеле. Зошто е толку тешко да донесеме одлука, и како да донесеме правилна одлука?!

Донесувањето на одлука воопшто не е лесна работа. Особено кога се работи за одлука од голема важност за нас, приватно или професионално. Понекогаш изборот на одлуката може да нѐ направи славен, но може и да ни го уништи животот или работата. Еден од најисконските фактори што влијае на донесувањето, т.е. недонесувањето на одлука е стравот. Страв дека ако донесеме погрешна одлука тоа ќе значи пропаст, смрт за нас. Сѐ што нѐ приближува до смртта за нас е природно да го избегнуваме и мозокот веднаш создава одбранбен, заштитен механизам. Затоа и голем дел од одлуките (посебно „позначајните“) знаеме да ги одложиме. Исто така, ако некогаш сме донеле одлука во минатото која била погрешна, ќе ни биде страв да донесеме одлука ако повторно се најдеме во слична таква ситуација.

Дополнителни фактори кои влијаат на донесување на некоја одлука се информациите – премалку или премногу информации. Понекогаш лимитираниот број на информации може да ни претставува проблем да ја донесеме вистинската одлука, но и преголемиот број на информации може да нѐ збуни, уплаши и оттргне од одлучување. Самодовербата (карактерот на личноста) е исто така важен фактор при донесување на одлука. Силни карактери, самоуверени луѓе немаат проблем (или имаат помал проблем) со одлучување. Тие веруваат дека нивните одлуки секогаш се најдобри. Донесувањето на одлуки е поврзано и со преземање на одговорност. Моментот на одлучување значи и преземање на одговорност за таа одлука. А за одговорноста се вели дека е карактеристика на возрасните.

Во секој случај, што и да е проблемот при донесување на одлука, многу е подобро да донесеме некоја одлука, отколку да не ја донесеме воопшто. Дури и да е погрешна, треба да гледаме позитивно на неа, да научиме од ситуацијата и да продолжиме понатаму.

Во однос на донесувањето на одлуки, постојат 2 начини на одлучување:

  1. Рационален – одлука базирана на факти и бројки. Ако ви фалат информации побарајте ги. Ако не знаете нешто, прашајте некого. Ако сте емотивно врзани за некоја ситуација, пробајте да размислувате рационално. Ако постои ризик, размислете ги можните реперкусии и дали вие можете да ги издржите (доколку се случат).
  2. Интуитивен – одлука базирана на претчувство за можниот тек на настаните.

Кога го прашале Фројд кој е најдобриот начин за донесување на одлука, тој одговорил: “Кога сакате да донесете некоја одлука, земете една паричка и свртете ја. Не одлучувајте веднаш, туку анализирајте како се чувствувате околу изборот на паричката. Тоа ќе ви помогне да дознаете како вие вистински се чувствувате околу таа одлука. Со тоа како основа, вие многу полесно ќе ја донесете вистинската одлука”.

Во суштина, ова се однесува на следење на нашата интуиција при донесување на некоја одлука. А, во однос на интуицијата се вели дека тоа не е нешто што е имагинативно и неосновано, туку инстинктот е базиран на факти кои се наоѓаат веднаш под свесното ниво на умот.

Најдобар начин за донесување на одлука што го предлагаат психолозите и аналитичарите е комбинација на двата начини. Користејќи факти и релевантни информации, како и користење на нашата интуиција (или како што велиме, „да го слушаме стомакот што ни кажува“) е најдобар начин при донесување на некоја одлука.

Донесувањето на одлуки е вештина, и како и секоја вештина се учи. Како што расте нашето искуство во одлучувањето и следиме одредени насоки и алатки за јакнење на ефикасноста во одлучувањето, ни се зголемува нашата самодоверба. Со јакнење на самодовербата, дополнително влијаеме на олеснување на процесот на одлучување.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.