Дополнителен данок за Русите: На удар се сите што работат за руски компании од странство

58

Граѓаните на Руската Федерација, кои работат повеќе од шест месеци од странство за руски компании, од 2024 година ќе плаќаат данок на доход од 13 отсто.

Врз основа на новиот предлог-закон, на некои граѓани на Руската Федерација им се заканува двојно оданочување, во Русија и во земјата каде што моментално живеат, пренесува Комерсант. Министерството за финансии на Русија ги заврши измените на новите правила за плаќање даноци и нацрт-законот е подготвен за доставување до Државната дума.

Според новите правила, од 2024 година ќе се наплаќа данок на доход од 13 отсто и на постојано вработените и на хонорарците, даночни резиденти и нерезиденти. Руските граѓани кои заработуваат повеќе од 58.000 евра годишно ќе плаќаат данок од 15 отсто, се вели во предлог-законот.

– Кога некој вработен работи на далечина, се разбира, на компаниите им е тешко да проверат дали е руски даночен резидент или не – изјави заменик-министерот за финансии на Русија Алексеј Сазанов. Руската Федерација има договор за избегнување на двојното оданочување со околу 80 земји, но проблемот може да настане во односите со „непријателските земји“, заклучува рускиот весник.