Dow Chemical затвора 20 фабрики и отпушта 2.400 работници

17

Американскиот хемиски гигант Dow Chemical најави дека ќе отпушта 2.400 работници во погоните ширум светот и ќе затвори 20 фабрики за да ги намали трошоците на работењето во услови кога светската економија забавува.

Компанијата очекува на тој начин да заштеди 500 милиони долари годишно до крајот на 2014 година. Ќе се намалат и капиталните инвестиции на програмите што повеќе не ги сметаат за приоритетни, за да се заштедат дополнителни 50 милиони долари, стои во соопштението, пренесува Блумберг.

Со планот е опфатено затворање на фабриките во Белгија, Холандија, Шпанија, Велика Британија, Јапонија и во Мичиген, САД.

Со отпуштањето на 2.400 работници, глобалната работна сила на Dow се намалува за 5%.

“Иако се тешки, овие мерки ја покажуваат нашата одлучност да работиме штедливо, особено во Европа, и со тоа да го ублажиме влијанието на моменталната пазарна динамика”, изјави извршниот директор Ендрју Ливерис.

Тој додаде дека компанијата ќе продолжи да ги финансира проектите на пазарите на кои може да изгради цврста позиција.