Дозволен извоз на сув цвет од канабис, одгледувачите на канабис ќе уплаќаат 10% од добивката во државниот буџет

194

Владата на Република Северна Македонија на 88-та седница го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во кој се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот Парламент и на Европскиот Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година.

Една од новините во предложените законски решенија, која произлегува од овие усогласувања, е формирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.

Решенијата содржани во предлогот на законот, покрај тоа што се усогласени со правото на ЕУ и со меѓународните акти, содржат и сопствени национални решенија кои се во функција на регулирање и соодветна практична имплементација на предметниот закон што ќе обезбеди подобра контрола на опојните дроги и психотропните супстанции.

Оттука, со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Уште една значајна новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10% од нето добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Република Северна Македонија.

Средствата собрани на оваа посебна сметка ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор, како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.