Драстично поскапеа половните автомобили во Германија

96

Во рок од една година, цените на половните автомобили во Германија пораснаа за третина, јави Агенцијата за анализа на пазарот ДАТ.

„Во април, вообичаен, три години стар автомобил со безнински мотор беше 30,1 отсто поскап од сличен автомобил во април лани“, произлегува од анализата на ДАТ. Во просек, три години стар автомобил со бензински мотор чинеше 27.900 евра.

Дизелашите поскапеа повеќе од бензинец

Автомобилите со мотор на дизел поскапеа нешто повеќе, за 31,8 отсто, а во просек за три години стар „дизелаш“ треба да се издвојат 28.960 евра.

Според проценките на аналитичарите, цените на користени автомобили растат поради намалената понуда на нови. Коронакризата влијаеше да има недостиг на чипови и останати делови за автомобилската индустрија што ги намали капацитетите.

Истовремено и цените на новите автомобили во последните три години пораснаа за седум отсто. Забележителен процент на цената на користени автомобили не се однесува само на автомобилите стари до три години туку и на постарите модели.

„Кога понудата е ограничена, цената расте“

„Кога понудата е ограничена, расте и побарувачката и по постари модели и тоа, секако, ја качува цената“, рече портпаролот на агенцијата.

Расправата која во Германија се водеше пред коронакризата која дури предвидуваше делумна забрана за автомобили на дизел повеќе не влијае на намалена побарувачка по овие автомобили што беше забележително во екот на расправата.

Според податоците на ДАТ, но и најголемит интернет-портал за користени автомобили mobile.de, воочена е побарувачка по половни дизел автомобили, особено оние со појак мотор.