Годишно се сечат околу 15 милијарди стебла, а се садат околу девет милијарди. Проста математика, во загуба сме околу шест милијарди стебла годишно, пишува Weforum.
Рачното садење дрва е споро и скапо, потребни се трактори и машинерија да се расчистат огромни простори, а потоа луѓе што би саделе. Решение на овој проблем можат да бидат дронови, кои би саделе до 100.000 дрва дневно.
BioCarbon Engineering, фирма со седиште во Велика Британија, заедно со произведувачот на дронови Parrot, осмисли брза и поевтина метода за садење дрва. Дрвата можат да се садат и во тешко достапни подрачја.
Дронот прво ја скенира топографијата и креира 3Д мапа. Потоа, со помош на алгоритам се пресметува најефикасната шема за садење. Дронот наполнет со изртени семиња испушта по едно во секунда или околу 100.000 дневно.
Инженерите што работат на проектот оценуваат дека нивниот метод е околу 10 пати побрз и чини само 20% од трошоците кога рачно би се садело. Тимот веќе ја тестира оваа технологија на разни локации.