Со новиот оглас на министерството за труд и социјална политика, кој ќе биде распишан утре, ќе им се даде можност за вработување на уште 50 лица во државната администрација, кои до 18 години имале статус на деца без родители и без родителска грижа.
Овој оглас е дел од Програмата Д-10 преку која на почетокот на годинава беа вработени 33 лица со таков статус. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов најави дека вработувањето на таа категорија граѓани ќе продолжи и во наредните години со цел што поголемо намалување на таа категорија невработени.
Лицата кои ги исполнуваат условите за конкурсот ќе можат да аплицираат во наредните 20 дена за добивање соодветен работен ангажман зависно од квалификациите. Согласно Законот за државни службеници се планира вработување на 50 лица во Министерството за труд и социјална политика, и тоа помлад соработник, виш референт, референт и помлад референт. Тие ќе имаат статус на државни службеници, а зависно од потребите на институциите ќе може да бидат распоредени во други министерства.
Според Спасов, вкупната бројка на невработени лица со статус деца без родители до 18 години се менува од година во година.
“Согласно планот што го имаме направено за наредните 4-5 години очекуваме речиси целосно намалување на бројот на невработени. Годинава ќе бидат вработени вкупно 83 лица, а за наредните години планот е од 20 до 40 лица, односно се очекува во наредните години да има број од 120 до 170 лица со ваков статус”, појасни министерот.
Јавниот оглас, покрај во дневниот печат, ќе биде објавен и на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk, и на сајтот на Агенцијата за администрација.