Државниот и регионален повеќекратен првак Димитар Бошнаков поддржан во кампањата „Вложуваме во млади таленти“

4

Државниот и регионален повеќекратен првак, носител на 5 национални рекорди во различни дисциплини во пливање , Димитар Бошнаков е поддржан во кампањата за општествена одговорност „Вложуваме во млади таленти“, која ја имплементира Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.

Четиринаесетгодишниот Димитар кој плива од својата трета година, својот втор дом го наоѓа на базенот, секојдневно тренирајќи, а неговата посветеност му носи одлични резултати меѓу кои и срушен рекорд на 200 метри грбно во категорија пионери стар 20 години.

„Димитар е првиот талент од областа на спортот поддржан во рамките на нашата кампања за општествена одговорност. Неговите одлични резултати, мотивираност и посветеност на пливањето беа една од главните причини кои не инспирираа да обезбедиме финансиска поддршка за овој исклучителен талент. Сметаме дека поддршката доаѓа во вистинско време бидејќи Димитар периодов напорно ќе работи на постигнување на олимписка норма за Олимпијадата во 2024 година“ – изјави Васко Илијевски – претседател на АСОМ.

Иако сѐ уште е во основно училиште Димитар зад себе има богато искуство со претставување на земјата на меѓународни натпреварувања каде има забележано значителни резултати, а посветено работи својата татковина да ја прикаже во најдобро светло на најголемите светски натпреварувања, велат неговите родители.

„Љубовта на Димитар кон пливањето ја откривме многу рано уште кога во најмала возраст кога го носевме на одмори, потоа го запишавме на пливање и неговиот талент беше препознаен од неговиот сегашен тренер со кој работи скоро десет години. Посебно ни е драго што Димитар е дел од оваа кампања и за нас е многу значајно што покрај финансиската поддршка која е секогаш потребна ќе добиеме можност за претставување на талентот на Димитар, што е реткост во земјава. Нашиот син е вљубен во пливањето и поседува огромна мотивација за идни големи достигнувања.“-вели Елизабета Бошнакова – мајка на Димитар.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија како општествено одговорен субјект преку кампањата „Вложуваме во млади таленти“ обезбедува поттик и поддршка за развој на младите таленти од областа на спортот, уметноста и науката и покажува дека е активен чинител во општеството кој дава значаен придонес во заедницата.

Кампањата која започна во октомври 2022 година досега овозможи финансиска поддршка за развојот на тројца таленти, меѓу кои математичкиот гениј Македон Димитровски и инспиративната Марија Савеска која беше главна улога во првата инклузивна танцова претстава на Балканот „Пепелашка“.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија ќе продолжи посветено да работи на полето на општествена одговорност и во новата година, со цел да обезбеди поддршка за активности кои се значајни за иднината на државата и со тоа да даде придонес за општеството во целина.