Државниот завод за статистика одбележува 76-годишен јубилеј

5

Во далечната 1945 година, на први јуни е формиран Македонскиот федерален статистички уред. Статистиката во Народна Република Македонија е организирана како самостојна управно-стручна служба на Владата на НР Македонија. Со тоа, за првпат во историјата на македонската државност, се појавува орган со задача статистички да го следи и прикажува развојот на НР Македонија.

Оттогаш до денес Државниот завод за статистика изоде долг пат – 76 години постојани предизвици за унапредување, надградување, развивање… Генерации и генерации статистичари го поплочуваа патот на модернизација на македонската статистика, следејќи ги и применувајќи ги новите методологии и стандарди што ги нудеше европскиот и светскиот статистички систем. Од скромните почетоци во повоена Македонија, без стручни предзнаења и без никаква техника, но со огромна желба да се одговори на предизвикот, да се надминат пречките и да се изгради систем што ќе биде основа за натамошно креирање на политиките и стратегиите, денес Државниот завод за статистика е современа, професионална, стручна и независна институција чиј фокус е производството на навремени, веродостојни и проверени статистички податоци кои одговараат на големите потреби на сите наши корисници.

“Нашата улога како координатор на националниот статистички систем во кој учествуваат и други институции кои спроведуваат статистички истражувања, а тука пред се би ги споменале Народната банка и Министерството за финансии, ни наметнува огромна одговорност за заедничка и координирана работа на унапредување и осовременување на статистичките методи во прибирањето и обработката на податоците и следење на принципите што произлегуваат од Кодексот за работа на Европскиот статистички систем како и од препораките и стандардите на Статистичкиот оддел на Обединетите нации. Стратегиските определби на Државниот завод за статистика за поголем обем на произведени податоци, поголемо користење на административни извори на податоци за да се олесни оптовареноста на давателите на податоци, ја покажува нашата грижа за корисниците кои се наш најголем приоритет – да ги задоволиме нивните барања во најкус можен рок и со најголем квалитет на статистичките податоци што ги нудиме“, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Со постигнувањето на овие високи цели, како што вели тој, се позиционираме како рамноправни учесници во европскиот статистички систем и преку постојаното учество во меѓународни проекти во организација на европското статистичко биро – Евростат произведуваме меѓународно споредливи податоци кои од една страна придонесуваат за рејтингот на државата во целина, но од друга страна, ни обезбедуваат позитивни оценки за нашата работа. Сето тоа е поттик да се продолжи понатаму со уште поголем ентузијазам, да се поставуваат и постигнуваат уште повисоки цели и да не се запира пред ниеден предизвик. Како што во последнава година и половина успешно се справуваме со пандемијата со Ковид-19 и не дозволивме да не попречи во работењето ниту во еден момент, така продолжуваме и понатаму, почитувајќи ги посветеноста и ентузијазмот на претходните генерации статистичари и без запирање пред новите предизвици што ги носи новото време и новите потреби на корисниците.

Фото: Pexels