DS Automobiles сака да развива автомобили без класични сопирачки

88

Ако ги прашате дизајнерите и инженерите на францускиот производител на луксузни спортски автомобили DS Automobiles, но и раководството на тркачката серија Формула Е, во блиска иднина запирањето на болидот нема да зависи од дисковите и плочките за сопирачките, туку само од електричните мотори со регенерација на кинетичка енергија. Имено, неодамна во јавноста беше претставен нов болид од Формула Е, кој нема задна класична сопирачка, туку сопира само регенеративно, а DS ја вгради истата технологија во својот нов концепт.

DS E-TENSE PERFORMANCE беше претставен минатиот викенд во Монако како прв концепт на сериски автомобил во светот кој нема класични сопирачки. Сите тркала на овој автомобил имаат регенеративни системи за сопирање, кои со помош на два вградени електромотори можат целосно да го запрат автомобилот, исто како и класичните сопирачки. Тоа е систем на регенерирање на кинетичка енергија во електрична енергија, со моќност од дури 600 kW.

DS, подружница на Citroën, вели дека регенеративното сопирање наскоро би можело да стане единствениот метод за запирање на автомобилот. Придобивките би биле повеќекратни – освен што ќе помогне за полнење на батеријата на електричните возила, ќе ја елиминира потребата од дискови и плочки за сопирачките.

Овој потег ќе го намали и загадувањето на животната средина. Проценките велат дека околу 55% од загадувањето на воздухот што го создаваат класичните автомобили доаѓа од честички кои не создаваат издувни гасови, односно од гуми, сопирачки и слично. Железната прашина од конвенционалните сопирачки создава до 20% од ова загадување и е многу опасно по здравјето на луѓето, особено за оние кои веќе имаат респираторни проблеми.