Дуна Компјутери организира добротворна аукција

43

Денес со почеток од 16:00 часот на платото кај Хипериум, Дуна Компјутери ќе организира добротворна аукција за продажба на ракотворби и слики изработени од штитениците на Воспитно-поправниот дом Тетово со отворено одделение во Велес.

Станува збор за општествено одговорен проект на Дуна кој е изработен со одобрение на Управата за извршување на санкции при Министерство за правда на Република Македонија.

Согласно проектот во текот на месец јуни и јули организирани се креативни работилници за изработка на ракотворби, при што целта беше да се структуира слободното време на штитениците, да се научат нови вештини и да се покаже дека работата и трудот се вреднувани, а во насока на успешна ресоцијализација во општеството.

Сите изработени дела ќе бидат изложени на аукцијата и ќе можат да се купат. Средствата собрани на аукцијата во целост ќе бидат наменети за потребите на децата од домот.

Аукцијата е од отворен тип и Дуна ги поканува сите заинтересирани лица кои сакаат да го помогнат проектот да присуствуваат на настанот и да купат еден мал дел од прекрасните предмети со што ќе помогнат да се разубави еден детски живот.