Дури 47 милиони Американци би можеле да останат без работа

69

Милиони Американци веќе останаа без работа поради кризата од пандемијата на коронавирусот, а според проценки на Федералните резерви, најголемите штети допрва доаѓаат, пренесува CNBC.

Според анализата на ризикот, економистите на ФЕД предвидуваат дека дури 47 милиони Американци би можеле да останат без работа, поради што стапката на невработеност би била 32,1%. Тоа би била највисоката стапка на невработеност од 1948 година, од кога официјално се води оваа статистика.

Економистите на ФЕД во своите проекции го вклучуваат и високиот ризик по работните места коишто во краен случај би биле затворени поради владините мерки за ограничување на движењето.

“Ова се многу големи цифри според историски стандарди, но и оваа ситуација е посебен шок што се разликува од било кој што досега го доживеала американската економија во последните 100 години“, смета Мигел Фери, економист во ФЕД.

Во анализата не се вклучени проекциите за бројот на работници кои можеби веќе нема да бидат вклучени во работната сила што би резултирало со намалување на основната стапка на невработеност. Исто така, предвид не е земено и влијанието на мерките на властите со коишто се зголемува надоместокот за невработени и субвенции за фирмите за да се намали бројот на откази.

Доколку навистина 47 милиони Американци навистина останат без работа, тоа би го подигнало бројот на невработени на 52,8 милиони што е три пати повеќе одошто во периодот на рецесијата во 2008 година.

Фото: Pixabay