Два хрватски гиганта од прехранбената индустрија ги здружуваат силите за извоз на странски пазари

358

Атлантик Група и Подравка се договорија да соработуваат за извоз на нивните брендови на пазарите во Австрија и САД, со што ќе се зајакне пласманот на нивните производи и препознатливоста на брендовите, користејќи ја развиената деловна мрежа и пазарните позиции што ги имаат на тие пазари, објавија во понеделник две компании, пренесува СееБиз.

„Две водечки хрватски компании, Атлантик Груп и Подравка, се договорија да соработуваат на странските пазари, поточно во Соединетите Американски Држави и Австрија. Двете компании воведоа единствена практика на меѓусебна извозна поддршка, што подразбира дека дистрибутивната компанија на Атлантик во Австрија ќе обезбеди поддршка за пласман на производите на Подравка на австрискиот пазар, а истовремено Подравка ќе ги пласира производите на Атлантик на американскиот пазар преку својата компанија во САД“, се наведува во соопштението.

Целта на оваа соработка, како што се посочува, е „да се максимизираат меѓусебните синергии преку зајакнување на пласманот на производите на двете компании и подигање на препознатливоста на нивните брендови, користејќи ја развиената деловна мрежа и пазарните позиции кои Атлантик и Подравка ги наследуваат на овие пазари.

Претседателката на Управниот одбор на Подравка, Мартина Далиќ, во соопштение за медиумите изјави дека остварувањето синергија меѓу Подравка и Атлантик на пазарите во Австрија и САД е „значаен чекор напред во деловната практика на хрватските компании во странство“.

„Исклучително сум задоволна од овој чекор, бидејќи на овој начин две силни хрватски компании ги здружуваат силите за уште повеќе да извезуваат и да го зајакнат присуството на сопствените брендови и на европскиот и на американскиот пазар“, рече Далиќ.

Претседателот на Управниот одбор на Атлантик Груп, Емил Тедески, смета дека Вегета и Аргета, како најистакнати извозни брендови на двете компании, заедно со остатокот од нивното портфолио, се природни сојузници на меѓународните пазари.

„Горди сме на овој договор, кој има многу јасна логика на користење заеднички можности. Отвореноста, довербата и интересот за изнаоѓање синергии на патот кон создавање нова вредност се вистинскиот темел на односот меѓу Подравка и Атлантик Група“, посочи Тедески.

Фото: Facebook