
Околу два милиони седишта на авиокомпаниите беа отстранети од глобалните распореди на летови во мај, бидејќи авиокомпаниите го намалија капацитетот поради наглото зголемување на цената на млазното гориво, соопшти фирмата за аналитика на авијацијата „Сириум“.
Според податоците на компанијата, околу 13.000 летови помалку биле планирани низ целиот свет во мај, што е последица на прилагодувањето на авиокомпаниите на условите на пазарот на гориво, кој беше погоден од прекините во снабдувањето поради конфликтот на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец, објави „Гардијан“.
Најголемите намалувања беа забележани во Истанбул и Минхен, каде што превозници како „Туркиш ерлајнс“ и „Луфтханза“ намалија некои летови.
Според извештаите, „Луфтханза“ откажала околу 20.000 кратки летови што ги извршува нејзината подружница.
Цената на горивото за авиони се зголеми повеќе од двојно од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток и прекините во снабдувањето, иако повеќето авиокомпании велат дека во моментов нема физички недостиг на гориво поради постојните залихи.
Некои авиокомпании, вклучувајќи ги „ИзиЏет“ и „Виз Ер“, објавија планови за одржување на летните распореди и покрај притисоците врз трошоците.
Аналитичарите предупредуваат дека Европа, а особено Обединетото Кралство, би можеле да бидат меѓу најранливите поради големата зависност од увоз на гориво за авиони и ограничениот капацитет на рафинериите.











