Двајца браќа создадоа компанија што вреди 95 милијарди долари

62

Двајца браќа од Ирска кои уште во тинејџерските години станаа милионери продавајќи компанија што е стара само една година, а денес се креатори на највредната компанија од Силиконската долина којашто не котира на берза.

Станува збор за компанијата Stripe што вреди 95 милијарди долари, а само во последната рунда на докапитализација успеа да собере 600 милиони долари.

На глобално ниво од компаниите што не котираат на берза повредна од Stripe е кинеска ByteDance, што е сопственик на социјалната мрежа TikTok и кинескиот платен сервис Ant, што го основаше Џек Ма.

Вредноста на Stripe, компанија што се занимава со процесирање на плаќања на интернет платформи, е неколкукратно зголемена за помалку од една година и ја надмина капитализацијата на Facebook и Uber кога излегувале на котација.

Stripe забележа 200.000 нови клиенти од почетокот на пандемијата пред една година. Еден од основачите, Џон Колисон, смета дека нивниот систем во текот на минатата година процесирал скоро 5.000 барања во секунда, вклучувајќи плаќања, поврат на пари и проверка на податоци на клиенти.

Браќата Колисон, 32-годишниот Патрик и две години помладиот Џон, ја основаа Stripe во 2011 година откако во 2008-ма година ја продадоа својата прва компанија Auctomatic за три милиони евра. Тој потфат ги направил милионери и тоа уште во тинејџерските години. Тие ја преселиле Auctomatic од нивната родна земја во Калифорнија откако не можеле да добијат пари од ирската влада за поттик на стартапи. Инаку, нивната прва компанија се занимавала со софтверски решенија наменети за корисници на eBay, пренесува Financial Times.

Браќата Колисон пораснале во рурален дел на Ирска. По завршување на средното училиште одлучиле да студираат на престижни американски факултети. Патрик се пријавил во Институтот за технологија во Масачусетс, а две години подоцна Џон е примен на Харвард. Но, пред да бидат примени на факултет станале милионери благодарение на софтверската компанија којашто на малите компании и поединечни купувачи им овозможила полесно работење на eBay. По ова и двајцата ги напуштаат студиите за во Калифорнија да ја основаат компанијата Stripe. Бројот на нивните корисници брзо растел, а финансиска поддршка добиле од основачот на Tesla Motors, Илон Мaск и основачот на Pay Pal, Питер Тиел.

Фото: Facebook