Две третини од Германците сакаат да се вакцинираат

35

Две третини од Германците сакаат да се вакцинираат против коронавирусот, покажува истражување на јавното мислење.

Податоците покажуваат дека 30% од испитаниците сакаат да ја примат вакцината што е можно поскоро, а 33% изјавиле дека сакаат да се вакцинираат, но прво сакаат да видат како тоа ќе влијае на луѓето.

Вкупно 19% од испитаниците рекле дека не сакаат да примат вакцина против коронавирусот, додека 16% се неодлучни по тоа прашање. Повеќе од половина од испитаниците (57%) одговорија дека се загрижени поради можните нус појави што ќе ги остави вакцината, а само една третина изјавиле дека не се загрижени поради можните несакани последици.

Германија планира на 27-ми декември да почне со вакцинирање на населението. Предност ќе имаат лицата постари од 80 години, здравствените работници кои имаат директен контакт со лица заразени со коронавирусот.

Истражувањето покажува дека постариот дел од популацијата е повеќе склон кон вакцинирање одошто младите.

Анкетата е спроведена во период меѓу 21-ви и 23-ти декември на 3.035 лица.

Фото: Freepik