Две третини од Хрватите работат од дома

28

И покрај актуелната состојба и неможност да се извршуваат редовните деловни активности на вообичаен начин, голем е бројот на работодавачи во Хрватска кои на своите работници им овозможуваат да работат од дома. Секако, доколку природата на работата и техничките можности го дозволуваат тоа, покажува анализата на порталот Moj Posao.

Од 900 испитаници, 69% од нив работат од дома. Скоро една петтина од испитаниците (18%) не работат од дома, бидејќи природата на работата не го дозволува тоа, додека 9% би можеле да работат од дома, но работодавачите не им го овозможуваат тоа.

Од дома, како што покажува анализата, најмногу работат вработени во големи компании. Дури 92% од вработените во големите компании со над 200 вработени, на кои работата им го дозволува тоа, работат од дома. Во малите компании (до 20 вработени), процентот на испитаници кои работат од дома е 88%.

Приватните компании коишто имаат странски сопственик во голема мера им овозможиле на вработените да работат од дома (95%), додека кај компаниите во домашна сопственост тој процент е 86.

Меѓу граѓаните кои во моментот работат од дома, 49% од нив велат дека пред пандемијата немале таква можност, а само 7% од нив напоменуваат дека и пред кризата редовно работеле од дома. Околу 44% од испитаниците и пред кризата работеле од дома, но само привремено и во точно утврдени околности, како што е на пример, нега на болен член од семејството.

Околу 57% од испитаниците сметаат дека по завршување на кризата се враќаат назад во канцеларија, додека 32% сепак веруваат дека ваквиот начин на работа ќе продолжи и откако ќе заврши пандемијата.

Фото: Pixabay