Винарската визба Тиквеш доби две награди на годинашното издание на престижниот натпревар специјализиран за вина од сортата Шардоне. Во конкуренција на 794 вина од 40 земји, врвните Шардонеа на Тиквеш, Limited edition и Special Selection, од бербите 2012 и 2013 беа наградени со сребрени медали. Вината ги оценуваа 300 судии – врвни меѓународни експерти, од кои половината од Франција.
Во последниве четири години Тиквеш доби пет награди на овој уникатен натпревар од светско значење, чија мисија е да ги издвои и да ги награди најквалитетните вина од сортата Шардоне и со тоа да ја зајакне нивната вредност пред огромната и растечка конкуренција на вина од оваа сорта на светските пазари.
“Двете годинашни награди на Chardonnay du Monde се резултат на нашата стратегија да создаваме врвни вина во светски рамки, но и потврда дека можеме да го одржиме континуитетот на квалитет, препознаен од врвните оценувачи и екперти. Задоволството е дотолку поголемо што таа потврда неколку години по ред доаѓа токму од земјата која што е татковина на оваа сорта”, изјави Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба Тиквеш.
Годинашниот 21-ви светски натпревар на вина од оваа сорта се одржа на винскиот имот на Институтот Пастер во Бургундскиот регион во Франција. Вината се оценуваат според највисоките критериуми базирани на енолошката наука, а кои се построги од вообичаената норма на останатите натревари.