Двегодишната загуба на авиокомпаниите ќе изнесува 157 милијарди долари

38

Рекордните загуби на авиокомпаниите како последица на пандемијата од Ковид-19 ќе продолжат да растат и следната година, бидејќи очекуваните вакцинации ќе одземат време за да се оживее побарувачката за патувања.

Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) проценува дека превозниците ќе изгубат вкупно 157 милијарди долари во 2020 и 2021 година, што е скоро 60% повеќе од предвидувањата во јуни. Падот на приходите е петпати поголем отколку за време на рецесијата во периодот 2008-2009 година.

Прогнозата доаѓа во време на надеж дека тестирањето на патниците, во комбинација со воведување вакцини за Ковид-19 во текот на следната година, ќе ги охрабри владите да ги ублажат ограничувањата за патување што ја погодија побарувачката.

IATA предвидува дека превозниците ќе изгубат скоро 39 милијарди долари во 2021-ва година, што е двојно повеќе од предвидувањата во јуни.

Најголемата грижа на индустријата е ако остане без пари пред да се пуштат вакцините, бидејќи превозниците имаат доволно резерви за само 8,5 месеци, предупреди главниот економист на IATA, Брајан Пирс.

Затоа, може да се каже дека авиокомпаниите ќе претрпат сериозна штета без дополнителна владина поддршка. Досега државите обезбедија помош од 173 милијарди долари, проценува IATA. Авиокомпаниите се најранливи на пазарите во развој, каде што вакцините може да не бидат достапни до 2022-ра година.

Фото: Pixabay