Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ и Арс Ламина ќе го реализираат проектот Бајки од Македонија

30

bravo sine

Издавачката куќа Арс Ламина ќе биде партнер на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине, во реализација на проектот Бајки од Македонија. Едицијата Бајки од Македонија ќе содржи илустрирани бајки од македонското народно творештво наменети за деца од предучилишна возраст. Во изборот на бајки од македонското народно творештво со својот стручен капацитет ќе се вклучи и Институтот за фолклор Марко Цепенков, со што ќе се обезбеди квалитетна и соодветна селекција на бајките.

Со реализација на проектот Бајки од Македонија, Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине се обидува да даде свој придонес во приближување на македонското народно творештво до најмладите и поголема популаризација и реафирмација на традиционалните вредности. Основна мисија на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине е поддршка на креативноста кај младите во функција на брендирање и креативна визуализација на автентичните национални вредности.

“Да се работи на ваков проект што им е наменет на најмладите претставува огромно задоволство, но истовремено и голема одговорност, бидејќи наша цел е да создадеме модерен бренд што истовремено ги содржи сите елементи што ќе гарантираат врвен квалитет. Искрено се надевам дека Бајки од Македонија ќе биде омилено семејно четиво”, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво Сине.

Издавачката куќа Арс Ламина, со своето вклучување во проектот Бајки од Македонија, го презема издавачкиот дел на проектот, што ќе се реализира по изборот на бајките и по изработката на илустрациите.

“Нашата издавачка куќа посветено работи на создавање на книжевен фонд наменет за најмладите. Досегашните изданија се одлично прифатени од најмладите читатели, а тоа е дополнителен мотив за нас да продолжиме да работиме во насока на креирање на нови содржини што ќе се темелат на македонската народна традиција”, додаде Билјана Црвенковска, уредник во Арс Ламина – публикации.

По изборот на приказни од македонското народно творештво кон крајот на август 2015 година Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине ќе распише конкурс за илустрација на бајките, на кој ќе можат да учествуваат млади илустратори и дизајнери. Претставници на Управниот одбор на Движењето, на Арс Ламина и претставници на Институтот за фолклор Марко Цепенков ќе ги оценуваат пристигнатите решенија за илустрација на бајките. Најдоброто креативно решение повторно ќе биде наградено со парична награда од 200.000 денари, што ја обезбедува Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине.

Финалното печатено издание на Едицијата Бајки од Македонија ќе биде издадено во мај 2016 година.

Бајки од Македонија е втор проект на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине. Минатата година успешно беше реализиран првиот проект Слатко со идентитет. Младите креативци работеа на изработка на нови етикети и амбалажа за седумте видови слатко произведени по традиционална рецептура на компанијата Јоми фуд од Велес, што исто така беше избрана на конкурс. Победничкото решените Фрутело на Далибор Смилески и Мартин Стојмировски ја доби првата награда од 200.000 денари. Слатката на Јоми фуд со новата етикета и амбалажа веќе можат да се најдат во малопродажба во земјава, но и во странство.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине, чијашто цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање на силни национални брендови го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Во активностите на движењето се вклучија голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и од целиот регион.