Двојка од Холандија ќе патува за Антартикот со 3D печатено возило што се движи на сончева енергија

82

Едвин и Лизбет тер Велде од Холандија, на 28 ноември ќе заминат за Јужниот пол со необичен транспорт, пишува Inhabitat. Двојката, којашто е дел од иницијативата Clean2Antarctica, ќе патува со 3D печатено возило што се движи на сончева енергија, на едно од најстудените места на Земјата.

Возилото е наречено Solar Voyager, а е изработено од преработени пластични делови печатени со 3D техника.

Solar Voyager тежи 1.485 килограми и има должина од 16 метри. Вкупно 40 3D печатачи беа употребени за да се трансформираат 200 килограми на пластика за потребите на шасијата од возилото, коешто може да издржи температури под точката на мрзнење.

Транспортното средство има кабина којашто е доволна за двајца и дополнителни две приколки  распоредени на осум гуми, заштитени со мрежа. На приколките има 10 двострани соларни панели со моќност од 325 вати, а секој од нив тежи 25 килограми.

За итни случаеви возилото е опремено со две батерии од 60 килограми коишто имаат моќност од 10 kWh. Освен тоа, вклучени се и инфрацрвени прозорци што апсорбираат сончева светлина и соларни цевки со вакуум за топење на снег.

Едвин и Лизбет велат дека не станува збор за технологија, туку за експеримент којшто треба да покаже што сè може да се направи од отпад.

Експедицијата се очекува да трае 30 дена.

Фото: Clean2Antarctica