По големиот интерес на компаниите за финансирање преку програмата за комерцијализација на иновации на Фондот за иноваации и технолошки развој (ФИТР) и бројот на квалитетни инвестициски предлог проекти, Фондот во септември достави иницијатива за проширување на буџетот до Владата на Република Северна Македонија што резултираше со одобрување на дополнителни 7,5 милиони евра на првичните пет милиони евра, односно вкупен буџет од 12.500.000 евра.
Со зголемување на буџетот за ко-финансирање бројката од 30 првично одобрени проекти во првиот бран од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), во моментов ја достигна бројката од 62 компании, односно 90% од искористеност на предвидениот буџет во вториот бран.
Во тек е разгледување и на аргументите што дел од компаниите ги доставија до Комитетот, а се однесуваат на добиените забелешки и коментари кон проектните апликации. Со завршување на овој процес, се очекува уште 10 до 15 компании, исто така, да добијат можност за ко-финансирање на проектните апликации, со што буџетот на јавниот повик ќе се искористи 100%.
Компаниите кои добија позитивен одговор од КОИ во првиот и вториот бран, преку реализирање на проектите предвидуваат инвестиции од вкупно 16.880.141,64 евра од кои сопствено учество од вкупно 5.646.601,35 евра. На поддржаните проекти ќе бидат ангажирани вкупно 769 лица од кои 360 нововработени со просечна плата од 698,60 евра по вработен.
Во вториот бран, 75% од компаниите се нови корисници, додека 16% се компании кои биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти.
Дека иновациите земаат сè поголема примена во голем број индустрии говорат и податоците за поддржаните проекти од кои најголемиот дел доаѓа од ИТ секторот, образование, електроника и електротехника, технолошка индустрија, текстилна и кожна индустрија, машинство, земјоделство, енергија и извори на енергија, здравство, градежништво и екологија.
Јавниот повик за комерцијализација на иновации заврши на 15-ти мај оваа година. Аплицираа вкупно 487 компании кои побаруваа 70 милиони евра. Во фазата на финална евалуација влегоа 366 апликации, што го поминаа процесот на административна проверка и претселекција спроведен од 97 домашни стручни лица. Конечната одлука за одобрување на проектите ја носи Комитетот за одлучување на инвестиции, којшто го сочинуваат пет странски експерти, именувани од Владата по пат на меѓународен конкурс. Оценувањето на проектите се врши врз основа на пет критериуми: степен на иновативност, квалитет на апликација, капацитет на проектен тим, проценка на пазар и влијание.
Добра вест за сите компании кои веќе учествувале на овој како и на другите јавни повици на ФИТР е одобрувањето на таканаречената fast track скратена постапка за аплицирање, за којашто Фондот достави иницијатива до Владата на почетокот на октомври годинава. Имено, отсега компаниите кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција и добиле соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза, ќе може да достават подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик.
Со скратената постапка се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.
До крајот на годинава ќе бидат објавени два нови повици, односно за инструментот Ко-финансирани грантови за технолошки развој со вкупен буџет од 6.000.000 евра, и нов повик за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф со вкупен буџет од 1.500.000 евра.