ДЗС: Трговски дефицит за периодот јануари-септември

15

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-септември 2013 година, изнесува 3.085.397 илјади долари, а на увозот 4.780.933 илјади долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64,5%, додека трговскиот дефицит, во периодот јануари-септември 2013 година, е 1.695.535 илјади долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, рудите на никел и нивните концентрати и електричната енергија.

Во периодот јануари-септември 2013 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 – 72,8% и земјите од Западен Балкан 18,1%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 – 62% и Останати земји, на друго место неспомнати 11,6%.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија (49,8% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).