ЕasyJet ја одби понудата за преземање и најави докапитализација

57

Британската нискобуџетна авиокомпанија EasyJet објави дека ја одбила понудата за преземање и дека средствата во износ од 1,7 милијарди долари, кои и се потребни за да ја зајакне својата позиција на европскиот воздухопловен пазар, ќе се соберат со продажба на акции со првенствено право на купување.

Компанијата не објави од кого ја доби понудата за преземање, но изјави дека понудената цена за преземање на сите акции во основа ја потценила нејзината вредност, и дека потенцијалниот купувач тогаш рекол дека повеќе не е заинтересиран за зделката.

Ројтерс наведува дека дознал од добро информирани извори дека понудата ја поднела унгарската нискобуџетна авиокомпанија Wizz Air, која одбила да коментира. Извршниот директор на британскиот авиопревозник, Јохан Лундгрен, им рече на новинарите дека понудата е многу условена по својата природа, што ја прави многу неизвесна во однос на изводливоста.

Авиокомпанијата, исто така, објави издавање акции со цел да се зајакне билансот на состојба доколку продолжи негативното влијание на Ковид – 19 врз бизнисот, а средствата ќе се користат за подобрување на конкурентноста при очекуваното закрепнување на европскиот воздушен сообраќај во наредните години, на пример, со проширување на своето присуство на клучните аеродроми со купување повеќе слотови.