ЕБОР со поддршка за доизградбата на оптичката широкопојасна мрежа во Македонија

21

Компанијата Неотел доби кредит во износ од 2 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Со кредитот ќе се финансира проширувањето на оптичката инфраструктура на широкопојасната мрежа во Македонија, јавува МИА.

Средствата ќе бидат наманети за зајакнување на позицијата на Неотел преку намалување на оперативните трошоци, проширување на оптичката мрежа и подобрување на услугите кон клиентите.

Според соопштението подобрените услуги, ќе овозможат зголемување на бројот на корисници на широкопојасен интернет во Македонија.

Подобрувањето се очекува да придонесе во регионалната интеграција на широкопојасните интернет услуги на Западен Балкан.

Финансирањето на овој проект е обезбедено со Програмата за локални претпријатија (ЛЕФ) на ЕБОР. ЛЕФ е програма која комбинира финансии и техничка помош, фокусирана на зајакнување на приватниот сектор, преку обезбедување долгорочни финансирања на малите и средни претпријатија на балканскиот регион, Турција и регионот на јужен и источен Медитеран.

“Ни претставува задоволство што го обезбедивме ова финансирање преку ЕБОР. Тоа, ќе му помогне на Неотел да ја зајакне позицијата и да ја зголеми конкурентноста на пазарот на телекомуникации. Кредитирањето ќе ни овозможи да развиеме и обезбедиме полесни решенија и подобра мрежа за нашите корисници, особено во јужните и западните делови од земјата”, посочуваат од Неотел.

Претставникот на ЕБОР во Македонија Анка Јоана Јонеску истакнува дека ова финансирање ќе се искористи за надградба на програмата, која ќе го подобри искуството на клиенти.