
Европската централна банка (ЕСБ) формираше работна група, предводена од потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гиндос, со задача да изработи начини за поедноставување на европските банкарски правила, објави Ројтерс во неделата, повикувајќи се на извор близок до банката.
Гувернерите на централните банки на Германија, Франција, Италија и Финска се исто така дел од таа група.
ЕЦБ не е овластена да ги менува банкарските правила, бидејќи европските законодавци во Брисел се занимаваат со тоа. Затоа, секоја препорака од работната група на ЕЦБ ќе мора да се разгледа и гласа таму. Работната група е формирана по писмото испратено претходно оваа година до Европската комисија во кое гувернерите на централните банки на Германија, Франција, Италија и Шпанија повикаа на поедноставување на „прекумерно комплицираните“ банкарски правила на Европа.
„Треба да се спроведе сеопфатна анализа на последиците од сите стандарди што се применуваат во Европа… за да се осигури дека тие нема кумулативно да придонесат за несакани слоеви на правила и очекувања“, се вели во писмото потпишано од четворицата гувернери, упатено до комесарката на Комисијата за финансиски прашања, Марија Луис Албукерке.
Во писмото, тие наведоа дека прегледот може да доведе до „законодавен предлог што би вклучувал конкретни и реални мерки за поедноставување“. Од друга страна, претседателката на надзорниот одбор на ЕЦБ, Клаудија Бух, ги бранеше наводно премногу комплицираните сложени правила што се применуваат во Европа.
„Понекогаш можете да слушнете тврдења дека банкарските правила се премногу сложени… Но, за регулативата ефикасно да ги реши посебните потреби и ранливости на таа индустрија, таа мора да биде доволно детална“, рече Бух на настан во Вашингтон каде што се собраа светските банкари.
Членот на Управниот совет на ЕЦБ, Фабио Панета, во февруари изјави дека Европа мора да избегне „прекумерна регулатива“ и дека треба да размисли за поедноставување на постојните правила.











