
Голем број луѓе не би престанале да работат дури и по значителна добивка на лотарија, во вредност од 50.000 до 100.000 евра, покажа ново истражување на Европската централна банка (ЕЦБ).
Сепак, авторите на студијата истакнуваат дека жените и постарите работници се почувствителни на вакви шокови и дека за некои постари работници добивката од 50.000 евра може да биде поттик за скратување на работната недела или размислување за преминување на пофлексибилно работно време.
Спротивно на тоа, помладите мажи генерално не ги менуваат своите работни навики откако ќе добијат на лотарија, а доколку сакаат нешто да се наградат, ќе земат дополнителни одмори или ќе го намалат прекувременото работно време, покажа истражувањето.
Меѓу невработените, интензитетот на барање работа се намалува за околу еден процент за секои 10.000 евра од наградата.
Со други зборови, ако некој добие 100.000 евра на лотарија, може привремено да ги намали своите активности за барање работа, но повеќето сепак остануваат ангажирани во потрагата по соодветна можност.
Истражувачите забележуваат дека само големите, неочекувани финансиски добивки, како што се наследства или големи добивки од лотарија, доведуваат до мерливи промени во однесувањето.
„Ако добиете 100.000 евра, можеби ќе работите четири дена во неделата или ќе ги намалите прекувремените часови, но животните навики не се менуваат драстично“, велат авторите.
Студијата покажува дека луѓето генерално не престануваат да работат дури и кога добиваат универзален основен приход или друга владина поддршка. Ефектот врз намалувањето на понудата на работна сила е многу мал, според веб-страницата на ЕЦБ.











