Како знаете дека вашата компанија планира отпуштања – и што да направите тогаш?

Масовните отпуштања во компании како „Мета“, „Амазон“ и „Таргет“ повторно го отворија прашањето: кој е следен? Според експертите од „Трајв ХР Консалтинг“, главната причина за сè почестите отпуштања е вештачката интелигенција.

„Вештачката интелигенција им овозможува на компаниите да работат поефикасно со помалку луѓе, поради што многумина сега ја користат можноста за намалување на бројот на вработени“, вели ко-основачот Џејсон Вокер.

Крајот на годината, кога се прави ребалансирање и се пресметуваат трошоците, дополнително го зголемува притисокот врз персоналот. Иако отпуштањата честопати изгледаат ненадејни, експертите предупредуваат дека постојат јасни сигнали што би можеле да укажуваат на намалување на бројот на вработени.

1. Забавување на вработувањето и намалување на трошоците
Првиот знак се замрзнатите огласи за работа. Ако не се отвораат нови работни места или постојните работни места стојат со месеци, компанијата веројатно има финансиски предизвици.

Трошоците се намалуваат, бенефициите исчезнуваат, а бонусите се скратуваат. Атмосферата се менува, а културата на компанијата го губи ентузијазмот.

2. Промена на менаџерските пораки
Фрази како „треба да бидеме поефикасни“ честопати значат едно, следува рационализација.

Кога фокусот се префрла од иновации на „оптимизација на бизнисот“, тоа е јасен сигнал дека доаѓа промена, велат HR консултантите.

3. „Тивки отпуштања“ и заминување на луѓе
Многу компании денес спроведуваат тивко намалување, ги намалуваат часовите, бонусите или воведуваат задолжително враќање во канцелариите, свесни дека дел од вработените ќе си заминат сами.

Ако забележите дека колегите или претпоставените ја напуштаат компанијата, тоа може да биде знак дека нешто не е во ред зад сцената.

Што можете да направите
Не ги затворајте очите пред сигналите. „Секогаш имајте ја вашата биографија подготвена и ажурирана“, советува регрутерот Џалони Вивер.

Следете ги огласите, новите трендови и бараните вештини во вашата област. Дури и ако сте задоволни со вашата работа, повремено аплицирајте за отворени работни места за да видите колку сте барани на пазарот.

Вокер додава дека класичното испраќање апликации повеќе не е доволно: „Поврзете се директно со менаџерите за вработување – личниот контакт денес значи многу.“

И конечно, клучна порака: „Сакајте ја вашата работа, но никогаш не бидете премногу опуштени. Компаниите секогаш ќе го прават она што е најдобро за нив – не за вас.“