Кредитирањето на претпријатијата во еврозоната благо забави во ноември, а паричната маса значително се подобри, покажаа во четвртокот прелиминарните податоци на Европската централна банка (ЕЦБ), како одраз на макотрпното закрепнување на побарувачката по повеќегодишен период на високи трошоци за задолжување.
Кредитирањето на компаниите во ноември е зголемено за еден процент во однос на истиот месец од претходната година, по растот од 1,2 отсто во октомври, пресметале во ЕЦБ.
Стапката на раст се задржала на највисоко ниво од јули кон крајот на годината.
Кредитите на домаќинствата во ноември пораснале за 0,9 отсто, што е најсилен раст во изминатата година. Во октомври се зголемени за 0,8 отсто.
Мерката на паричната маса М1, која ги вклучува паричните средства во оптек и депозитите преку ноќ, порасна за 1,5 отсто во ноември, по растот од 0,2 отсто во октомври кој заврши период од речиси две години пад. Паричната маса најзначајно се намали во август 2023 година, кога потона за цели 10,4 отсто.
Најширокиот показател за паричната маса, монетарниот агрегат М3, во кој се вклучени и орочените депозити, во ноември порасна за 3,8 отсто, што е најсилно од почетокот на 2023 година. Во октомври е зголемен за 3,4 отсто.
На почетокот од јуни, ЕЦБ ги намали клучните каматни стапки за првпат по четири години, за четвртина процентен поен, што укажува на олеснување на инфлацијата. Тие, исто така, ги намалија на седниците во септември, октомври и декември, исто така за четвртина процентен поен, пренасочувајќи го вниманието кон слабата побарувачка.