
Европската централна банка (ЕЦБ) можеби нема да ги има сите информации што ѝ се потребни, вклучително и трговските прогнози, до септември, што значи дека секое понатамошно намалување на каматните стапки би можело да се случи дури подоцна во годината, изјави литванскиот член на Советот на ЕЦБ, Гедиминас Шимкус, на маргините на состанокот на централните банкари што се одржува во Синтра, Португалија.
Како што може да се прочита од изјавата на Шимкус, на следниот состанок подоцна овој месец, ЕЦБ би можела да ја остави клучната каматна стапка за депозити непроменета откако беше намалена од четири на два проценти во изминатите 12 месеци.
Она што сега е во фокусот е чекањето маглата околу трговските преговори меѓу САД и Европската Унија да се расчисти и да стане јасно во која насока ќе се движи трговијата понатаму.
Според Шимкус, оставањето на каматната стапка непроменета во јули е „многу веројатно“, а можеби дури и после тоа промената нема да се случи брзо.
„Не знам дали ќе ги имаме сите информации што ни се потребни во септември, но треба да бидеме отворени за секоја можност. Мислам дека понатамошен напредок, ако го има, е поверојатен кон крајот на годината“, Ројтерс ги пренесува зборовите на гувернерот на литванската централна банка.
Тој додава дека всушност неизвесноста околу инфлаторните трендови во сегашната економска средина не се намалила, туку се зголемила.
Според прогнозите на ЕЦБ, просечната годишна стапка на инфлација треба да падне на целното ниво од два проценти оваа година, а потоа дополнително на 1,6 проценти во следната година, пред да се врати на два проценти во 2027 година.
Следниот состанок на Советот на ЕЦБ за монетарната политика ќе се одржи на 24 јули.











