Инфлацијата во еврозоната се забрза минатиот месец, што го поддржува постепениот пристап на Европската централна банка (ЕЦБ) за намалување на каматните стапки, без напуштање на таа стратегија.
Потрошувачките цени во декември пораснале за 2,4 отсто во однос на истиот период лани, што е повеќе од 2,2 отсто забележани во ноември и во согласност со проценките на аналитичарите. Зголемувањето главно е поттикнато од растот на цените на енергијата, кои пораснаа за прв пат од јули, покажуваат податоците на Евростат, пишува Блумберг.
Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните компоненти како што е енергијата, изнесуваше 2,7 отсто. Во услужниот сектор растот на цените се искачи на четири отсто. Овој раст не е изненадување за ЕЦБ, која постојано предупредуваше дека враќањето на целта од два проценти ќе биде нестабилен процес.
Банката очекува одржливо да ја постигне таа цел дури на крајот на годината. Според сегашните проекции, инфлацијата во јануари ќе се задржи на 2,4 отсто.
Очекувањата за намалување на каматните стапки на ЕЦБ останаа стабилни, со прогнози за намалување од околу 100 базични поени до крајот на годината.
Националните извештаи објавени во претходните денови веќе покажаа посилен од очекуваниот раст на цените во Германија и Шпанија, додека цените во Франција пораснаа помалку од очекуваното, а во Италија неочекувано се намалија. Посебен извештај на ЕЦБ покажа дека очекувањата за инфлација на потрошувачите се зголемија во ноември.
Претставниците на ЕЦБ остануваат на курсот за постепено намалување на трошоците за задолжување, по четвртото намалување во декември. Со сегашната стапка на депозити од три проценти, монетарната политика сè уште се смета за рестриктивна за економското закрепнување на еврозоната, која и понатаму е слаба.
Иако минатата година инфлацијата привремено падна под два отсто, тој пад главно се должи на статистичките ефекти предизвикани од големите промени на цените на енергијата во претходните години. Со исчезнувањето на тие ефекти, инфлацијата сега повторно се зголемува.