
Сушите би можеле да уништат речиси 15 проценти од бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната, предупреди Европската централна банка (ЕЦБ), истакнувајќи дека банките во еврозоната имаат 1,3 трилиони евра кредити наменети за секторите најизложени на можен недостиг на вода, особено земјоделството, рударството, градежништвото и индустриското производство.
Истражувањето спроведено од ЕЦБ покажува зајакнување на фокусот на институцијата во Франкфурт врз ризиците од климатските промени и покрај растечкото незадоволство во одредени економски сектори на Европската Унија (ЕУ) од зелените политики и притисокот од САД за олабавување на регулативите во таа област.
„Загубите поврзани со недостигот на вода и нејзиниот лош квалитет, како и заштитата од поплави, стануваат критични точки“, рече членот на извршниот одбор на ЕЦБ, Френк Елдерсон. Тој како пример ги наведе холандските региони каде што се одгледуваат лалиња, како што е Боленштрек, кои би можеле да станат несоодветни за тоа производство поради зголемените проблеми со сушата.
Оваа пролет е на пат да биде најсувата досега забележана во Холандија.
ЕЦБ соопшти дека истражувањето спроведено со Универзитетот во Оксфорд ги испитувало економските и финансиските последици од екстремна, но можна суша што се јавува во просек на секои 25 години и предизвикува сериозен недостиг на вода.
Наодите покажуваат дека до 30 проценти од земјоделското производство во јужноевропските земји е во опасност. Кон север, тој процент се намалува и во Финска изнесува 12 проценти.
„Секое влијание на сушата врз изворите на вода може да има прелевачки ефекти во неколку економски активности. На пример, сушните површини ги намалуваат земјоделските приноси, недостатокот на вода влијае на индустриското производство предизвикувајќи прекини и зголемување на трошоците, а ниските нивоа на водата во реките го намалуваат акумулацијата на хидроцентралите и го загрозуваат производството и навигацијата на електрична енергија“, напишаа експертите на EЦБ во блог објавен на веб-страницата на банката.











