
Членката на Извршниот одбор на Европската централна банка, Изабел Шнабел, предупреди дека посегнувањето по независноста на Федералните резерви на САД може да има спротивен ефект, наместо да ја намали, ќе ги зголеми трошоците за задолжување и ќе го потресе целиот глобален финансиски систем.
Американскиот претседател Доналд Трамп со месеци врши силен притисок врз Федералните резерви да ги намали каматните стапки и отворено зборува за отстранување на гувернерот Џером Пауел, кого го нарече „будала“ и „идиот“ затоа што не попуштил на неговите барања, објавува Ројтерс.
Минатиот месец, Трамп се обиде да ја отстрани и членката на одборот на Федералните резерви, Лиза Кук, отворајќи сериозно правно прашање за тоа дали централната банка може да работи независно од политиката, столб на модерното централно банкарство.
„Секој обид за поткопување на независноста на централната банка ќе доведе до зголемување на среднорочните и долгорочните каматни стапки. Историјата јасно покажува дека независноста на централната банка ги намалува ризиците и го олеснува финансирањето за домаќинствата, компаниите и владите“, рече Шнабел.
Во оваа пригода, се огласи и претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, предупредувајќи дека чекорите што ги презеде Трамп за замена на Пауел и Кук претставуваат „многу сериозна опасност за американската и светската економија“.
„Во случај американската монетарна политика да престане да биде независна и наместо тоа да зависи од диктатите на ова или она лице, верувам дека ефектот врз стабилноста на американската економија, како резултат на ефектите што би ги имала низ целиот свет, би бил многу загрижувачки, бидејќи тоа е најголемата економија во светот“, изјави Лагард за Radio Classique, објави Seebiz.
Трамп бара пониски каматни стапки за да ги поттикне инвестициите и да им го олесни на граѓаните позајмувањето, но политички мотивираните намалувања би им сигнализирале на инвеститорите дека Федералните резерви се подготвени да толерираат повисока инфлација. Тоа би ја поткопало довербата на инвеститорите кои држат трилиони долари во американски државни обврзници и сметаат на предвидливоста на политиката на Федералните резерви.
САД би можеле да „извезат“ и повисока инфлација, бидејќи пандемијата покажа дека земјите тешко се бранат од глобалните инфлаторни притисоци. Иако ова би можело да ја загрози доминацијата на доларот во светскиот финансиски систем, Шнабел истакнува дека засега нема реална алтернатива на американската валута.











