Жупанискиот суд во Загреб му одреди едномесечен притвор на претседателот на Хрватската стопанска комора (ХГК), Надан Видошевиќ, поради опасност од вршење на влијание врз сведоците и уништување на документацијата, јавува Индекс.
Покрај Видошевиќ, во вторникот беше приведена и шефицата за финансии во ХГК, Јосипа Младинов, на која и е одреден едномесечен истражен затвор поради страв за вршење влијание врз сведоците и повторување на казненото дело.
Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК), покрена истрага против Видошевиќ поради сомневање дека раководел со операцијата за извлекување на најмалку 4,6 милиони евра од Комората. Со истрагата, покрај Видошевиќ и Младинов, опфатени се уште и шефицата на канцеларијата на претседателот на Комората, Зденка Петернел, која веќе еден месец е во истражен затвор, Давор Комерички, кој се брани од слобода и Игор Премиловац, преку чија фирма со фиктивни договори се извлекувани пари од ХГК.
Според неофицијални податоци, УСКОК бара блокирање на имотот на Видошевиќ, неговата мајка и неговата сопруга.
Надан Видошевиќ, или како што медиумите го нарекуваат хрватскиот Џорџ Клуни, на чело на ХГК доаѓа во 1995 година, на кое беше до пред два дена. Тој беше и претседател на Управата на Краш.