Еден милион евра за хрватскиот старт-ап Agrivi од регионалниот фонд South Central Ventures

13

agrivi

Регионалниот фонд South Central Ventures (Enterprise Innovation Fund – ENIF) инвестираше еден милион евра во хрватскиот старт-ап  Agrivi, агротехнолошка компанија со визија да го смени начинот на производство на храна и позитивно да влијае врз повеќе од милијарда луѓе, стои во соопштението.

Со своите напредни агротехнолошки софтверски решенија, Agrivi им помага на земјоделците ширум светот во постигнување ефикасно, профитабилно и одржливо производство.

Софтверските решенија на Agrivi ги користат преку 15.000 земјоделци од 150 земји, за да го унапредат производството.

Компанијата ја основа Матија Жуљ од Кутина, во 2013 година, а инспирација добил од проблемите што ги имал на сопствената плантажа на боровница. Компанијата има канцеларии во Кутина, Загреб и Лондон.

Ова е трета инвестиција на Фондот. Првата беше 300.000 евра во новосадската Drytools, софтверска платформа за алатки за програмери, а втората 700.000 евра во City Expert, српска старт – ап компанија која успешно воведува иновации на пазарот на недвижности.

South Central Ventures, менаџер на ENIF фондот, располага со 40 милиони евра за инвестирање на иновативни компании од регионот: Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина.

South Central Ventures има канцеларија и во Скопје.