Единствената фабрика за автомобили во Словенија го намалува производството и отпушта работници

264

Фабриката за автомобили Ревоз,во сопственост на француски Рено, ќе отпушти 350 од вкупно 2.300 вработени во неа, потврди раководството на словенечката компанија од Ново Место.

Причината за намалувањето на производството се проблемите со снабдувањето со полупроводници и чипови за автомобилска опрема на меѓународниот пазар. Неизвесната состојба во автомобилската индустрија првенствено се должи на полупроводничката криза, но и други проблеми што се појавуваат на пазарот за автомобилски делови и суровини, а се поврзани со пандемиската криза, соопшти компанијата.

Ревоз веќе неколкупати го прекина производствениот процес оваа година од истите причини и најавува дека намалувањето на бројот на вработени е неопходно за да се зачува конкурентноста. Префрлувајќи се на производство во една и пол смена и отпуштајќи 350 работници, Ревоз ќе го намали дневното производство на моделите Рено од сегашните 650 на 480 возила дневно, пренесува Хина.