
Увозот на руска нафта во Сингапур се зголеми речиси тројно во првиот квартал од 2023 година, покажуваат владините податоци, откако ЕУ го забрани увозот на нафтени деривати од Русија.
„Азискиот тигар“, како што се нарекува и овој островски град-држава, увезол 741.000 тони руска нафта во тој период, што претставува околу 23 отсто од вкупниот увоз на рафинирани производи во Сингапур, според пресметката на Ројтерс врз основа на податоците на Enterprise Singapore.
Европската унија од 5 февруари го забрани увозот на руски нафтени деривати, а заедно со ЕУ и Австралија, седум други земји воведоа горна граница од 45 долари за тргување со руска нафта, пренесува Јутарњи лист.
Ограничувањата, кои го променија глобалниот трговски тек на нафта, имаат за цел да ги ограничат приходите на Москва, а истовремено да им овозможат на Русите да останат на пазарот и да ги одржат ниските глобални цени на нафтата.
Сингапур не е дел од групата земји кои го забранија увозот на руска нафта, но сингапурски официјален претставник изјави уште во февруари дека компаниите во земјата ќе треба да размислат и да управуваат со секое потенцијално влијание врз нивните деловни активности, трансакции и односи со клиенти кои рботат со Руска сурова нафта
Инаку, клучни купувачи на нафта од Сингапур се Јужна Кореја, Кина, Тајван и Јапонија.
Од друга страна, Русија успеа да најде алтернативни купувачи за својата нафта, со испораки во Бразил, Тунис и Блискиот Исток. Нивниот извоз во тие области достигна рекордно ниво, а аналитичарите очекуваат тој тренд да продолжи.
Фото: Pixabay











