Една третина од Астон Мартин во италијански раце

42

Италијанска инвестициска компанија Инвестиндустријал ќе вложи 150 милиони фунти во британската Астон Мартин, за што ќе добие 37,5% од уделите во овој произведувач на луксузни автомобили. Кувајтската компанија Инвестмент Дар ќе го задржи мнозинскиот дел, а новата финансиска инјекција на Астон Мартин му е потребна за да држи чекор со конкурентските Порше и Ферари.

Инвестиндустијал, кој има репутација на “заживувач” на познати марки, планира да му го врати сјајот на брендот што му е омилен на агентот 007.

“Со нетрпение очекуваме да соработуваме со менаџментот и со Инвестмент Дар за да постигнеме слична трансформација и да ја заживееме компанијата како што направивме со Дукати, со проширување на палетата модели и со ширење на мрежата претставништва ширум светот”, изјави првиот човек на Инвестиндустријал, Андреа Бономи.

Водечкиот британски произведувач на автомобили е во странска сопственост, на конзорциумот предводен од Дејвид Ричардс, американскиот банкар Џон Сингерс и две кувајтски инвестициски компании, Инвестмент Дар и Адеем Инвестмент.

Во Велика Британија, продажбата на Астон Мартин падна преку 13% за една година, откако продадоа само 738 возила.